Мени

Занимливости

КОДЕКС ЗА ПРОФЕСИОНАЛНАТА ЕТИКА НА АДВОКАТИТЕ
(ИЗВАДОЦИ)

Кодексот за професионалната етика на адвокатите е збир од усвоени начела по кои треба да се управуваат адвокатите во својата работа. Тие се во согласност со општите начела на етиката на веќе порано прифатените и развиени начела на професионалната етика на адвокатурата.

ОДНОС КОН СТРАНКАТА И ПРЕДМЕТОТ

Адвокатот како давател на правна помош и вршител на јавни овластувања треба да дава правна помош, да застапува или да брани странки кога тие му се обраќаат за таа цел.
Ако адвокатот прифати вршење на јавни овластувања, давање правна помош, застапување или одбрана тој е должен да и остане верен на својата странка и да се труди со истата да воспостави однос на доверба.
Адвокатот е должен совесно да ја застапува и да ја брани својата странка, користејќи ги притоа сите потребни средства, дозволени со Законот или со друг пропис. Адвокатот во својата работа не смее да се идентификува со својата странка, туку треба да остане на височина на својата фукција – застапник или бранител на своите странки.
За време на застапувањето на својата странка, адвокатот не смее да прифаќа евентуална понуда за застапување и на спротивната странка, ниту пак други работи што се во врска со спорот и се спротивни на интересите на странките, додека трае спорот.
Уште при преземање на предметот, доколку е можно, адвокатот треба да ја запознае својата странка со износот на трошоците и наградата за застапување односно вршењето на јавни овластувања.

ОДНОС КОН СУДОТ И  КОН ДРУГИТЕ ОРГАНИ

Во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот, и институциите пред кои се јавува. Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во споредувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките.
Адвокатот е должен да укажува почитување кон судот  и институциите пред кои се јавува, но исто така, во интерес на угледот на адвокатурата, е должен да не дозволи некоректен однос на претставниците на тие органи кон него и кон неговата странка.
Пред судот и другите органи адвокатот настапува како полномошен на своите клиенти, заради заштита на нивните права и правни интереси. Истиот е должен, врз основа на совесно прибраните податоци од странката, да ја изнесе јасно и накусо – писмено или усмено – фактичката и правната состојба на која се повикува.

ЗА ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ТАЈНИ

Се што странката ќе му довери на адвокатот во врска со бараниот правен совет, застапување или одбрана и се што адвокатот дознал за предметот на друг начин, а што е доверливо, претставува професионална адвокатска тајна.
Обврската за чување на професионалната тајна се однесува и на списите што адвокатот ги чува во својата архива. Адвокатот е должен професионалната адвокатска тајна да ја чува под страв од дисциплинска или од кривична одговорност. Истата се третира како тајна за време на застапувањето и одбраната, а и подоцна, се додека нејзиното изнесување во јавноста може да и штети на странката.
Она што адвокатот го дознал од странката, а што претставува професионална тајна, може да го открие само во случај кога самата странка, на несомнен начин, го дозволува тоа, ако е во интерес на одбраната (нужно за одбраната), како и во случај кога тоа ќе го побара и ќе добие согласност од Адвокатската комора.
Ако странката бара од адвокатот да ја застапува спротивно од изнесената материјална вистина, истиот може да го одбие застапувањето.
Ако адвокатот дознал нешто при застапувањето на некое правно лице или такво нешто му било познато кога бил негов член, во никој случај тоа не смее да го употреби во каква било постапка, на негова штета. 

ЧУВАЊЕ И ПОДИГАЊЕ НА ЛИЧНИОТ И МОРАЛЕН УГЛЕД

Адвокатот е должен во секое време додека е професионално ангажиран и во својот личен живот, да стекнува и одржува степен на личен и морален углед. За таа цел е должен да се воздржи од сите свои лични, особено материјални интереси, што би можело да го доведат во сомневање неговиот морален лик.
Со непрекинато стручно усовршување и подигање на својот личен и морален углед, адвокатот ја исполнува својата професионална должност и се оспособува за успешно вршење на традиционалната функција во одбрана на слободата, независноста, граѓанските права, хуманизмот и човечкото достоинство во одбрана на законските права.