Предизвик
Сообраќаните незгоди, секој одделно е предизвик, бидејќи не во секоја сообраќајна ситуација е доволно само да се почитува поставената хоризонтална и/или вертикална сигнализација. Така и во конкретната ситуација главен предизвик беше да се докаже дека иако нашиот клиент немал првенство на минување, сепак во целост ги испочитувал правилата за безбедно учество во сообраќајот и дека главен фактор за случување на сообраќајната незгода е брзината на другиот учесник која беше за 50км/час поголема од максимално дозволената со сообраќаен знак.
Во вакви сообраќајни ситуации пред се од голема важност е комплетно обезбедување на документација, фотоалбум, видео снима(доколку постои), трагите на коловозот, отпаднати делови и сл. кои секако ќе му бидат од круцијално значење на соодветно вешто лице кое кое ќе излезе на лице место и врз реконструкција на настанот, правилно ќе ја пресмета брзината на движење на сите учесници. При реконструкција целта ни беше да утврдиме дали кога нашиот клиент започнал да се вклучува во сообраќај, можел да го забележи другиот учесник, на кое растојание можел да го забележи и дали преставувал пречка за безбедното движење на другите учесници во сообраќајот.
По прибирање на сите докази неспорно се утврди дека нашиот клиент во моментот кога започнал да се вклучува во сообраќај другиот учесник бил на 75 метри растојание од местото на контакт. Се утврди дека доколку другиот учесник го управувал своето возило со 30км/час колку што е дозволено на местото на случената незгода до сообраќајната незгода воопшто немало да дојде, односно нашиот клиент безбедно ќе се вклучел во сообраќај и во ните еден момент немало да биде сообраќајна пречка за другиот учесник.
Постапката пред судот ја поведе Јавното обвинителство со казнен налог. Од наша страна беше поднесе приговор со достава на листа на докази меѓу кои и сообраќајно техничко вештачење. По изведувањето на сите предложени докази по наредба на Судот се изведе доказ со сообраќајно супервештачење изготвено од три вешти лица сообраќајни инженери кои ја потврдија тезата на одбраната дека клучен фактор за случување на сообраќајната незгода е поголемата брзина од максимално дозволената, а не знакот Стоп како што беше прикажано со Казнениот налог.
Првостепената постапка позитивно беше завршена односно нашиот клиент беше ослободен од обвинение. Со оглед дека во постапката се изведе Супервештачење следеше да нема жалба со што пресудата стана правосилна.
